Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски вчера замина во официјална посета на државата Катар. Делегацијата во чиј состав се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони Виктор Мизо, на неколку средби, состаноци и форуми ќе направи економска промоција на Република Македонија и ќе ги презентира поволностите кои земјата ги нуди за привлекување странски директни инвестиции. Пред претставници на катарски државни агенции, приватни компании и стопанственици, владината економска делегација ќе се обрати на форумот во главниот град Доха, а во рамките на престојот кој завршува денес, ќе посети повеќе катарски владини агенции и институции задолжени за инвестиции на капитал во странски земји.
Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски вчера замина во официјална посета на државата Катар.
Делегацијата во чиј состав се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони Виктор Мизо, на неколку средби, состаноци и форуми ќе направи економска промоција на Република Македонија и ќе ги презентира поволностите кои земјата ги нуди за привлекување странски директни инвестиции.
Пред претставници на катарски државни агенции, приватни компании и стопанственици, владината економска делегација ќе се обрати на форумот во главниот град Доха, а во рамките на престојот кој завршува денес, ќе посети повеќе катарски владини агенции и институции задолжени за инвестиции на капитал во странски земји. Меѓу нив се Хасад Компани, владина агенција за инвестиции во земјоделството и агробизнисот, Катар Холдинг, владин инвестициски фонд чиј делокруг на работа е инвестиција во јавни и приватни компании во секторите индустрија и инфраструктура, телекомуникации и технологија, недвижности, трговија, земјоделство и стоки, Катар Диар, агенција за развој која опфаќа градежништво, транспорт и реализација на развојни проекти, Катар Петролеум, владина компанија во областа на нафтената индустрија и индустријата за природен гас.
Посетата на Груевски е прва официјална посета на македонски премиер на државата Катар. За време на престојот во Катар тој ќе се сретне со емирот на државата Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, и со премиерот и министер за надворешни работи во Емирскиот Диван, Шеик Хамад бин Џасмин бин Џабор Ал-Тани. Во функција на засилување на економската соработка, ќе разговара и со Мохамед бин Салех Ал-Сада, министер за енергија и индустрија во катарската Влада.
Република Македонија и Државата Катар воспоставија дипломатски односи на 25 јуни 1996 година. Двете држави имаат особен интерес за воспоставување успешна билатерална соработка од аспект на динамизирање на економските односи и можноста за искористување на потенцијалните природни енергетски резерви со кои располага Катар во функција на обезбедување странски директни инвестиции во Македонија. Престојот на Емирот на Катар Ал-Тани во Македонија во октомври минатата година беше искористен за потпишување неколку билатерални договори од областа на културата, образованието, здравството и економската сфера. Посебен акцент беше ставен на развојот и унапредувањето на економските односи меѓу двете држави, зголемувањето на трговската размена и можноста за директни катарски инвестиции во македонското стопанство.
Катар е најразвиената земја во светот според БДП (пред Лихтенштајн) и земја со најниска стапка на невработеност. Во 2010 година имаше највисок економски раст во светот, од 19,40 отсто. Растот и развојот на Катар се должат пред се на големите резерви на нафта и природен гас. Денес оваа држава е на 21. место во светот според дневниот извоз на нафта и на 3. место според извозот на природен гас. Нафтата и природниот гас придонесуваат за повеќе од 50 отсто од БДП на Катар, 85 проценти од приходите од надворешно-трговската размена и 70 отсто од државниот буџет.
Државата Катар е апсолутна монархија со која од средината на 19 век владее фамилијата Ал Тани, а од британскиот протекторат се ослободила во 1971 година.